Дома Економија Зголемени финансиски средства за поддршка на семејни фарми, млади фармери и женски лица
Економија - февруари 26, 2019

Зголемени финансиски средства за поддршка на семејни фарми, млади фармери и женски лица

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, ја отвори четвртата работна сесија на работната група за земјоделство и рурален развој, организиранa од страна на Националната конвенција на Европската Унија во Северна Македонија.

„Министерството интензивно работи на мерки за поддршка на руралните средини, особено преку програмите за финансиска поддршка, каде што се опфатени семејните фарми и стратешките определби за нивниот развој. Новите мерки во Програмата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, меѓу другото, ќе овозможат и развој на семејното земјоделство. Во Програмата за директни плаќања од 2018 година, да потенцирам, ни се одвиваше проектот со ЕУ, каде што е скениран импактот на субвенции, и Националните програми во делот на земјоделството. Оваа година имаме добиено точни препораки што е тоа што треба да го промениме и како да се приспособиме на заедничката земјоделска политика на ЕУ. Ова е прва година во која направивме конкретни чекори и знаеме што е тоа што ќе го направиме во следните години“, изјави Николовски.

Тој на работната сесија ги презентира некои од преостанатите мерки од програмите што се во насока на развој на семејното земјоделство. Програмата за финансиска поддршка во руралниот развој за 2019 година опфаќа неколку мерки и видови поддршка, кои се однесуваат на семејното земјоделско стопанство. Мерката за финансиска поддршка за младите фармери за оваа година е зголемена од 10.000 на 20.000 евра, а дополнително, се отстранува и границата од 18 месеци за упис во Единствениот регистар на земјоделски стопанства. Дополнително, со мерката „Поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство“ се поддржуваат локалните земјоделски производители и семејните фарми.

Силен инпут во развојот на руралните средини ќе дадат и мерките од ИПАРД 2-програмата, како што се мерката „Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства“ за која пристигнаа рекордни 1.099 барања, мерката „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи“, како и мерката „Диверзификација на фарми и развој на бизниси“ за која се веќе склучени 17 договори со вкупна вредност на инвестициите од 5,1 милиони евра.

Во Македонија во Единствениот регистар на земјоделски стопанства евидентирани се 170.523 земјоделски стопанства и од нив над 36 илјади носители се жени. Вкупната дигитализирана обработлива површина е над 233 илјади хектари, со просечна површина 0,52 хектари на едно македонско земјоделско стопанство.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Слични написи

Потврди со новото име за валидизација на документите при патување

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека до целосната промена на сите…