Дома Македонија Исчезнатите лица не се жртви на трговија со органи
Македонија - февруари 22, 2019

Исчезнатите лица не се жртви на трговија со органи

Институтот за судска медицина ги демантира шпекулациите во јавноста дека на некои од починатите лица кои претходно беа пријавувани за исчезнати им биле вадени органи. Во изјава за „Макфакс“, директорот на Институтот, Александар Станков, тврди дека се утврдуваат причините за смртта кај последните два случаи, 39-годишната скопјанка чие безживотно тело беше пронајдено во водите на Вардар, и 35-годишниот скопјанец кој беше пронајден мртов во бездна во Нерези.

„Сме немале случај на некое починато лице да му недостигаат органи. Ниту кај 39-годишната жена, ниту кај момчето. Кај жената е извршена обдукција, додека за момчето анализите се во тек“, вели Станков.

И од МВР вчера ги демантираа информациите што се шират во јавноста и апелираа да не се шири паника кај граѓаните, откако на социјалните мрежи почнаа да се шират статуси дека на дел од исчезнатите лица при пронаоѓањето им недостасувале органи, односно дека можеби се работи за трговија со органи.

„Апсолутна лага е дека имало некакво вадење органи или некакви слични дезинформации. Апелираме до медиумите и јавноста да се повикуваат на официјалните податоци на институциите и да се воздржат од шпекулации што можат да ја вознемират јавноста“, велат од МВР и потенцираат дека статистичките податоци покажуваат дека не постои тренд на пораст во исчезнувањата, и дека во континуитет во последниве пет години пронаоѓањето на пријавените исчезнати лица се реализира со околу 94 отсто.

Исто така, Министерството за внатрешни работи (МВР) најостро ги демантира и ги отфрла како целосно неточни информациите во јавноста за наводни киднапери и киднапирања лица во земјава поради препродажба на човечки органи и ги повикува граѓаните да не потпаѓаат на шпекулации со кои се шири паника и страв.

„Категорично ги отфрламе шпекулациите за постоењето киднапери. Досега не се пријавени ниту случаи на киднапирање поради органи, ниту се вистинити наводите дека досега на исчезнати жртви им недостигале органи. За последните случаи на исчезнување кои се целосно расчистени, јасно и недвосмислено соопштивме дека се работи за класични случаи на самоубиство“, наведува МВР во соопштението до медиумите.

Според Министерството, неосновани се и дезинформациите дека има пораст во бројот на исчезнати лица.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Слични написи

Потврди со новото име за валидизација на документите при патување

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека до целосната промена на сите…